СДСМ: Нема спас за криминалците, пропадна обидот на ВМРО-ДПМНЕ за ништење на правната држава

од Nikola Popovski

Со Одлуката на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, апликациите на поранешните функционери на ВМРО-ДМПНЕ, на кои поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов се обиде да им даде незаконски помилувања, се прогласени за недозволени. Постигната е голема победа на правдата, на правната држава и аргументите на Владата, велат од СДСМ коментирајќи ја вчерашната одлука од Стразбур.

Додаваат дека одлуката на Судот во Стразбур е важна затоа што покрај другото, не констатира прекршување на човековите права во кривичниот прогон на членовите од некогашниот врв на ВМРО-ДПМНЕ.

-ВМРО-ДПМНЕ изгуби, а нивниот обид за ништење на правната држава, уште еднаш, се покажа неуспешен. Пред домашните судови продолжуваат сите предмети, а независната судска власт има одговорност и обврска пред граѓаните и законите да ги доведе до крај кривичните постапки кои се предмет на пресудата, стои во партиското соопштение од СДСМ.

Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур ги отфрли жалбите на поранешниот македонски премиер Никола Груевски и шесте поранешни функционери осудени и обвинети во случаите што ги покрена Специјалното јавно обвинителство (СЈО).

Пријавите до судот во Стразбур поднесоа некои од поранешните функционери против кои СЈО отвори постапка, а како причина за жалбата наведоа дека во 2016 година тогашниот претседател Ѓорѓе Иванов, ги амнестира за тие дела, но подоцна го повлече по бурните реакции.

Во Стразбур се пожалија седум лица, од кои повеќето беа функционери на ВМРО-ДПМНЕ, и тоа тогашниот премиер и неприкосновен лидер на таа партија Никола Груевски, министрите Миле Јанакиески и Гордана Јанкулоска, како и Тони Јакимовски, поранешен шеф на тајната служба Сашо Мијалков, потоа битолскиот градоначалник Владимир Талески, како и Тони Трајковски и Едмонд Темелко.

Пред судот во Стразбур се пожалија дека нивното гонење по помилувањето е кршење на правната држава и дека повлекувањето на аболицијата е спротивно на правната сигурност, повикувајќи се на тезата дека аболицијата, еднаш дадена, не може да се повлече.

Нивната жалба била одбиена од Судот за човекови права со образложение дека обвинетите и осудените во случаите поведени врз основа на прислушуваните разговори на „Тврдина Таргет“, „Титаник“, „Транспортер“ и „ТНТ“ не ги исцрпиле домашните правни лекови.

Премиерот Димитар Ковачевски оцени дека одлуката на Европскиот суд за човекови права е, како што рече, „огромна победа и огромен успех за нашата земја“.

„Македонскиот тим навистина даде се од себе и победи во еден исклучително сложен случај“, додаде премиерот.

Претседателот Стево Пендаровски, ја поздрави одлуката на Европскиот суд.

„По објавувањето на одлуката на Европскиот суд за човекови права, претседателот разговараше со советничкиот тим и смета дека секој што е засегнат од постапките што ги покрена обвинителството и судовите во земјава треба да ги остварат своите права пред домашните институции, како што стои во одлуката на Судот во Стразбур“, соопштија од кабинетот на Пендаровски.

Во оваа смисла, се додава, сите постапки пред македонските судови продолжуваат до нивното завршување, односно исцрпување на сите правни лекови согласно законските прописи на државата.

Слични содржини