Максим Димитриевски кандидатот за градоначалник на Куманово додека ја извршува функцијата градоначалник се стекнал со илјадници квадратни метри државно земјиште. Општина Куманово извршила продажба на над 26 хектари атрактивно државно неизградено земјиште на локацијата „Живкова карпа“. Документи од катастарот за недвижнини покажуваат дека Максим Димитриевски купил 9.961 метар квадратен во местото „Црвенки“, државно неизградено земјиште, обвинува Лидија Тасевска, пратеничка на СДСМ.
Според неа, покрај Димитриевски парцела од иста квадратура на оваа локација купил и Бојан Јордановски, син на вработена во општината и директорот на основното училиште „Толи Зордумис“.
-Деталниот урбанистички план за оваа локација предвидува урбанизација и нова викенд населба. Па така, земјиштето купено по едно евро за квадрат по урбанизацијата и по делењето на помали парцели, за некое време може да вреди и 50 евра за метар квадратен. Односно за вложени 10.000 евра, да се заработат и 500.000 евра. Премногу детали укажуваат дека купувањето на државно земјиште од страна на Димитриевски не е случајно. Затоа ги повикуваме надлежните институции да покренат соодветна постапка и да го истражат овој случај, заклучи Тасевска.