СДСМ: Нови 100 милиони евра од ЕУ, се докажува кој стои до С. Македонија во тешки времиња

од Nikola Popovski
154 прегледи

Европската комисија даде предлог за макрофинансиска помош до 100 милиони евра за Северна Македонија, односно поддршка за економијата за следните две години. Помошта ќе придонесе и за покривање на финансиските потреби на Северна Македонија поддржувајќи ја и фискалната одржливост и структурните реформи, нејзиното спроведување ќе биде дефинирано заеднички со ЕУ, преку Меморандум за разбирање, соопштија утрово од СДСМ.

Додаваат дека Меморандумот за разбирање најверојатно ќе се фокусира на реформите на политиките во областите на фискалното управување, даночната политика, управувањето со јавните инвестиции, јавно-приватните партнерства, деловното опкружување, транспарентноста во државната помош, енергетската ефикасност, реформите во судството и борбата против корупција.

-Со ова уште еднаш се докажува кој стои до Северна Македонија во тешки времиња и во време на економска и енергетска криза, посочија од партијата на власт.

По повод предлогот на ЕК, се огласи и шефицата на институцијата, Урсула Фон дер Лајен.

-Стоиме покрај Северна Македонија во овие предизвикувачки времиња. Денеска предлагаме до 100 милиони евра макрофинансиска помош за поддршка на економијата на земјата, придонесувајќи за покривање на нејзините финансиски потреби во следните две година, рекла Фон дер Лајен, стои на сајтот на ЕК.

Сега останува на Европскиот парламент и на Советот да го разгледаат и усвојат предлогот. Откако ќе се усвои, предлогот ќе стапи на сила, под услов да се исполнат потребните услови, кои ќе бидат утврдени во Меморандумот за разбирање меѓу Северна Македонија и ЕУ.

 

Слични содржини