Од СДСМ денеска информираа дека скандалот со подарокот од 325.000 евра за генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев добива нови димензии. Партијата во опозиција објави документи и фотографии дека имотот кој бил поклонет на Јанушев е составен дел од зграда, во најстрогиот дел од центарот на Скопје.
-Она што е особено интересно е дека имот во оваа зграда, покрај Јанушев, има и министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски. Еве го неговиот имотен лист.
Тошковски во зградата која е дел од шемата за поклонетиот имот на Јанушев има имот од над 200 квадрати, стан од 146 метри кавдратни и деловни простории од 46 метри квадратни. Вкупната пазарна вредност на овој имот е над 400.000 евра.
Овој случај ужасно потсетува на една друга зграда, каде порано имаа станови неколку високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ кои беа стекнати на многу сомнителен начин, изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Од СДСМ ги прашуваат Тошковски и ДКСК, дали е пријавен овој имот во анкетниот лист?
-Зошто неговиот анкетен лист не е достапен за јавноста? Клучно и најважно прашање: како се поврзани подарокот на Јанушев од 325.000 евра и имотот на министерот Тошковски? Каков заеднички бизнис имале овие двајца? Дали преку шема на давање подароци овие двајца прикриваат некаква бизнис зделка која јавноста не треба да ја знае? Имаат ли скриени бизниси кои на крај завршуваат со подароци во имоти вредни над 300 илјади евра, праша Кузеска.
Јанушев вчера во изјава истакна дека подарокот го добил од неговите родители.
Тој пријавил дека во 2023 година врз основа на договор за подарок се стекнал со градежно земјиште од 165 м2 во општина Центар. Според најновиот анкетен лист за имотната состојба, доставен до ДКСК, вредноста на земјиштето е 20 милиони денари или 325 илјади евра и е наменето како А2-2 станбено-деловна зграда.
Вчера од Антикорупицската комисија за „Локално“ информираа дека веќе оформиле предмет за проверка на имотот на генералниот секретар на Владата. Наведуваат дека предметот е врз основа на доставена пријава од Управата за финансиско разузнавање.