СДСМ објави нова слика од Ковачев: Дали Мицкоски се согласува со изјавата за Зборникот на Браќата Миладиновци?

од Nikola Popovski

По фотографијата на Гордана Силјановска-Давкова со бугарскиот европратеник, Андреј Ковачев, од СДСМ објавија ново фотографија, овојпат од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на која покрај Ковачев, стои и потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски.

Велат дека „Мицкоски е горд на сликата со членот на ГЕРБ“. Владеачката партија посочува дека Ковачев е познат негатор на македонскиот народ.

-Јавно порачуваше дека Гоце Делчев е Бугарин, дека Браќата Миладиновци напишаале бугарски народни песни, а не Зборник, дека историјата ни е фалсификувана. Што има заедничко Мицкоски со Ковачев? Дали Мицкоски се согласува со изјавата на Ковачев за Зборникот на Браќата Миладиновци, прашуваат од „Бихаќка“.

-Сликите кажуваат многу. Бугарското и македонското ВМРО работат на штета на државата, прават сѐ да ја закочат европската перспектива на Македонија, порачаа во соопштението од СДСМ.

Фотографијата на кандидатката за претседател, предложена од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска со бугарскиот европратеник, вчера предизвика нова размена на обвинувања меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Гордана Силјановска-Давкова заедно со делегација на ВМРО-ДПМНЕ беше на конгресот на ЕПП во Букурешт, а СДСМ вчера објави фотографија на која е заедно со Ковачев и со тврдење дека тоа е „потврда дека блокирањето на иднината на државата им е заедничка цел“.

Слични содржини