Во година која беше проследена тешка економска криза и војна на европско тло која сеуште трае, пишуваме рекорди. Откупот на тутунот заврши во рекордно време без ниту еден регистриран проблем во откупниот процес, а тутунарите ги поминаа новогодишните и божиќните празници со полни сметки, порача денеска Гоце Георгиевски од Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство на СДСМ.
Тој информира дека просечната откупна цена на тутунот достигна рекордни 290 денари по килограм, што претставува зголемување од 45% во споредба со минатата година, кога беше 200 денари по килограм.
-Кога на оваа откупна цена, ќе се додаде и субвенцијата од 80 денари по килограм која ја доделува Владата, тутунарите ја завршија сезоната со заслужена заработка од 370 по килограм тутун. Рекордни 80% од вкупно откупената количина припаѓаат во прва класа и тоа во услови на зголемено производство и површина за околу 10% во споредба со минатата реколта. За откупот се склучени приближно 30.000 договори, односно бележиме зголемување од 2000 договори повеќе од минатата година.
За оваа производна година на тутунот, исплатени се околу 100 милиони евра, потенцира Георгиевски на прес-конференција од седиштето на партијата.