СДСМ: Пазарот на лекови е најрегулиран во земјата, Мицкоски сака да се прикажува како државен полицаец

од Nikola Popovski
90 прегледи

СДСМ преку соопштение го критикува премиерот Христијан Мицкоски дека има „целосно непознавање за тоа како функционира фармацевтскиот пазар и увозот на лекови“.

-Или е неук, или пак поопасната можност е да планира да увезува лекови од паралелен увоз, како што тоа се правеше во времето на Груевски.

Пазарот на лекови е најрегулираниот пазар во земјата. Цената на секој увезен лек се утврдува врз основа на методологија и се пресметува како просек од цените во референтните земји. Таа цена се нарекува единствена максимална цена, наведуваат од СДСМ.

Од најголемата опозициска партија информираат дека секоја година се прави ревизија на цените согласно методологијата и се намалува цената на оние лекови согласно намалените цени во референтните земји.

-Мицкоски сакајќи да поентира, прикажувајќи се како државен полицаец, само се срами додека оние кои го познаваат добро пазарот веројатно се смеат на неговите изјави, велат од партијата на Венко Филипче.

Одговарајќи на новинарски прашања за ребалансот на Буџетот и обвинувањата дека ќе се вршат кратења во одредени ресори, како на пример здравството, Мицкоски ги негираше таквите тврдења. Сепак, обвини дека состојбата во здравството е „апокалиптична и девастирана“ и дека „се почнува од минус 100“.

Меѓу другото, истакна и дека „лично ќе ги надгледува фактурите на царина“ за увозот на медикаменти.

-Ќе седнам и ќе ги гледам за да нема ненормални приходи кај поединци, на штета на граѓаните. Лично ќе седам и ќе ги гледам, навести премиерот.

Слични содржини