СДСМ: По набавката на кинеските автобуси кои се распаѓаат, сега ВМРО-ДПМНЕ приредува нова катастрофа

од Nikola Popovski
929 прегледи

СДСМ повторно го вперува прстот во ВМРО-ДПМНЕ околу проблемите во Градот Скопје и работата на јавните градски претпријатија. Според опозициската партија, се случува тотален хаос со јавниот превоз во Скопје, автобусите доцнат, а често и воопшто ги нема.

-ВМРО-ДПМНЕ со години не набавува нови автобуси, само заради теснопартиски интереси. Откако им пропаднаа зделките со Арсовска, ВМРО-ДПМНЕ буквално ги малтретираат скопјани. Во Советот на Град Скопје токму советниците на ВМРО-ДПМНЕ ја блокираат работата на градот, сами ги блокираат проектите кои заедно со Арсовска ги ветуваа, како набавка на нови автобуси, велат од партијата на Венко Филипче, додавајќи дека „по катастрофата којашто му се случи на Скопје со Коце Трајановски, Скопје 2014 и набавката на кинеските автобуси кои се распаѓаат, сега ВМРО-ДПМНЕ приредува нова катастрофа“.

Новиот директор на ЈСП Скопје, Драги Кушовски вчера информираше дека реалната состојба во претпријатието е лоша. Возниот парк располага со 190-200 автобуси и со оваа бројка во моментов не можат да го опслужат летниот возен ред.

-Од септември, кога ќе се смени зимскиот возен ред, ситуацијата ќе биде полоша бидејќи се зголемува бројот на автобуси. Да не ни се расипе ниту еден автобус, ќе имаме недостаток на 100 автобуси за да го исполниме возниот ред. Во моментов, имаме недостаток од околу 40-50, во зависност од нивното одржување, рече Кушовски на 50-тата седница на Советот на Град Скопје.

Околу ситуацијата со клима-уредите во автобусите, денешната состојба, според Кушовски, е дека не работат уредите на 27 превозни средства, од кои за пет, службите во ЈСП убедуваат дека денеска ќе бидат остранети проблемите.

На вчерашната седница не помина предлогот за набавка на нови еколошки автобуси. Мнозинството советници на ВМРО-ДПМНЕ не гласаа за оваа предлог одлука.

Предлогот за набавка на нови еколошки автобуси досега неколкупати се најде на дневен ред на седниците на Советот на Град Скопје, но не ја доби потребната поддршка од советниците.

Слични содржини