Пратениците од СДСМ поднесоа Предлог на Закон за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри. Оттаму велат дека нивната цел е со овие измени дел од парите кои се влеваат во државниот буџет преку игрите на среќа да се наменат за зачувување на македонското културно наследство.
-Со Предлогот на законот за именување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри предлагаме членот 16 од Законот да се измени. Да се овозможи средствата остварени по сите основи од приредувањето на игрите на среќа и на забавните игри да се користат и за јавните установи за заштита на културното наследство преку Министерството за култура и за степендирање на дефицитарни кадри во заштитата на културното наследство преку Министерството за образование и наука.
Износот се определува на 50% од вкупниот приход од игрите на среќа и забавните игри утврден во претходната календарска година, но не помалку од 60 милиони денари и не повеќе од 120 милиони денари.
Бараме поддршка од сите пратеници за донесување на на овие измени на Законот затоа што придобивките се големи: ќе се надмине проблемот со кадровска дефицитарност на стручниот кадар во заштитата на културното наследство; ќе се создадат стручни кадари кои ќе бидат подготвени да ги спроведат сложените постапки на непосредна заштита на културното наследсво, согласно највисоките меѓународни стандарди; ќе се зголеми бројот на заштитени културни добра, ќе се унапреди заштитата, управувањето и одржливото користење на културното наследство; ќе се придонесе кон зачувување на културното наследство како моќен ресурс за развој на целокупното општество како и за промоција на европските фундаментални вредности и двигател на економскиот и туристичкиот развој, рече на денешната прес-конференција, Лидија Тасевска, пратеничка на СДСМ.