СДСМ денеска ќе поднесе иницијатива за вонредна седница на Советот на Град Скопје за загадениот воздух во главниот град, информираа од владеачката партија.
Се додава дека предлагаат и конкретни мерки за намалување на загадувањето во Скопје:
1. Итно зголемување на бројот на автобуси на сите линии во јавниот градски превоз.
2. Воведување бесплатен превоз за сите граѓани во Скопје.
3. Итна пренамена на пари во Буџетот на Град Скопје, за зголемување на средствата за борба против загадувањето.
4. Финансиска помош за училиштата за адаптирање на системот за затоплување на еколошки енергенси, (замена на котлите во системот на затоплување).
5. Изготвување акциски план за чистење на сите депонии во Скопје.
6. Чистење/миење на улиците и јавните површини со помош на цистерни.
7. Безусловно интензивно постапување на инспекторите во вршењето на својата должност.
Загадениот воздух во главниот град изминатите денови е на алармантно високо ниво, појаснија од СДСМ.
Според нив, „локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ и нивната коалиција во Скопје со Левица и Арсовска не преземаат ништо за загадувањето во главниот град“.
-Потребна е посебна, вонредна седница на Советот на Град Скопје на којашто ќе се разговара за решенија и мерки за намалување на загадувањето, за што СДСМ има и подготвени мерки кои ги предлага. Противењето на ВМРО-ДПМНЕ да се свика вонредна седница на Советот на Град Скопје за загадениот воздух е неодговорно и само го покажува вистинското лице на оваа партија. ВМРО ДПМНЕ мисли само на тендери и провизии, за граѓаните воопшто не се грижат, стои во соопштението од „Бихаќка“.
Од ВМРО-ДПМНЕ денеска побараа „СДСМ да преземе мерки за намалување на загадувањето, а на тајните состаноци со Арсовска, Ковачевски да побара реакција и од градот“.
-7 години откако е СДСМ на власт, а ниту една мерка за намалување на загадувањето не е преземена. Од потрошени 20 милијарди преку буџетите, ниту едно евро не е инвестирано за почист воздух. СДСМ пред да дојде на власт имаше главно ветување дека ќе го намали загадувањето, 7 години подоцна воздухот е уште позагаден, обвинија од најголемата опозициска партија.