Пратеникот на СДСМ, Мартин Костовски, изјави дека опозициската партија ќе бара одговорност од сите надлежни во МВР за трагедијата во Кочани и ќе поднесе кривични пријави доколку се утврди дека полицијата не постапила согласно законските обврски.
„Од денес натаму ќе поставуваме бројни прашања и ќе изнесуваме информации засновани на факти и закони. Досегашниот тек на истрагата отвора сомнежи дека одредени информации се селективно пласирани. Откако Тошковски и Коцевски известија дека е завршена првата фаза и дека се сомничат 32 лица, очекуваме одговори на клучни прашања“, истакна Костовски.
Тој праша зошто ниту еден командир, инспектор или одговорно лице во БЈБ Кочани и СВР Штип не е во притвор и дали воопшто се води истрага против нив.
„Доколку не се води истрага, како е можно да не се истражуваат лицата кои биле на должност таа вечер и имале обврска да реагираат? Дали е точно дека седум вработени во МВР, кои во моментов се во притвор, не биле на функции на денот на пожарот?“, запраша Костовски.
Тој потенцираше дека Законот за јавни собири јасно укажува на одговорноста на полицијата за безбедноста на јавните настани. Според него, ако МВР постапело согласно законските прописи, на местото на трагедијата ќе имало соодветно обезбедување, противпожарна заштита и брза помош, со што можеби ќе се спречела катастрофата.
„Снимките покажуваат дека имало присутни полициски службеници кои биле свесни за настанот, но не презеле никакви мерки. Дали со тоа сите надлежни во МВР сториле кривично дело со непостапување? Дали тие се изземени од одговорност? Ако МВР не ја преземе одговорноста, СДСМ ќе поднесе кривични пријави“, порача Костовски.