Додека Мицкоски анализира граѓаните едвај врзуваат крај со крај. Имено податоците велат дека за последните три месеца потрошувачката кошничка пораснала за над 2 илјади денари. Односно секој граѓанин во Македонија е посиромашен за 2 илјади денари во рок од три месеци. Само минатиот месец Македонија забележа инфлација од околу 5 проценти што значи дека од месец во месец екстремно се намалува вредноста на платите и пензиите кои ги земаат македонските граѓани, се вели во соопштението од СДСМ.
„Во исто време Владата не превзема никакви мерки за да го подобри животниот стандард на граѓаните. Мицкоски не само што не нуди решенија туку го одби понуденото решение на СДСМ за покачување на минималната плата на 500 евра.
Владата ги излажа и пензионерите чие законско зголемување на пензиите го намали.
Во време кога македонските едвај го поминуваат месецот, илјадници евра се давата за непродуктивни трошоци како анкети, изнајмени авиони и егзотична храна.
За иронијата да е уште поголема денес Мицкоски ги навреди сите граѓани посочувајќи дека платите во Македонија не растат затоа што не расте продуктивноста на македонскиот работник.
Неработници не се македонските граѓани туку Владата која го донесе граѓанинот на работ на сиромаштијата со својата неспоснобност, некапацитетност и неработење.
На секојдневните јавни настапи „отворајќи“ чешми и други „мега-проекти“ Мицкоски се фали со имагинарни успеси во недостиг на реални резултати кои би го подобриле животот на македонскиот граѓанин.
СДСМ јавно го прашува премиерот каде се инвестициите со кои се фали?
Доколку навистина постојат наредниот пат нека се потруди нека ги научи на памет и нека ги посочи со име и онака не се премногу за да ги запамети.
Изјавите како четврта економија во Европа, шеста економија во свет по инвестиции се само резултат на розовите очила кои очигледно ги носи премиерот.
Реалната слика е следна, Македонија е четврта во Европа, но одзади и тоа на листата на најсиромашни земји во Европа.
Македонија се наоѓа на четвртото место меѓу најсиромашните европски држави, според најновите податоци за бруто-домашниот производ (БДП) по глава на жител. Според анализите, БДП по жител изнесува 8.751 долар, а според паритетот на куповна моќ (PPP) – 19.290 долари.
Ова е резултат пред се на безидејноста на македонската Влада која ја закочи европската иднина на државата, а младите просперитетот го гледаат надвор од своето родно место.
Само минатиот месец имаме покачување на невработеноста за 2900 лица, а во мандатот на Владата на Мицкоски имаме повеќе од 32 илјади затворени работни места.
Најголем дел од овие луѓе ја напуштиле државата и си заминале по белиот свет да побараат подобра шанса за успех и просперитет.
За жал ниту еден фејк статистички податок овие млади луѓе нема да ги врати назад“, додаваат од опозициската партија во своето соопштение.