СДСМ позитивно го оцени извештајот: СБ потврди дека владините мерки доведоа до едноцифрена инфлација

од Nikola Popovski
191 прегледи

СДСМ позитивно го оцени последниот извештај на Светска банка за земјава. Од партијата порачуваат дека економските мерки и политики на Владата предводена од СДСМ даваат резултати и дека Светска банка потврди дека владините мерки доведоа до едноцифрена инфлација.

Посочуваат дека Светската банка очекува инфлацијата да продолжи да се намалува годинава и следната година, додека историски ниското ниво од околу 2% би се постигнало во 2025 година.

-На среден рок се предвидува намалување на стапката на сиромаштија, намалување на невработеноста и невработеноста на младите, пораст на платите и пораст на БДП по глава на жител. Потенцијалот на македонската економија за раст ќе се зголемува како што земјата се приближува кон ЕУ преку реформскиот пат за структурни реформи и јакнење на економијата.

СДСМ, како одговорна партија продолжува со мерки и политики за намалување на инфлацијата и за поттикнување на економскиот раст, соопштија од „Бихаќка“.

Од Министерството за финансии вчера соопштија дека во извештајот е констатирано дека економскиот раст умерено ќе забрза на среден рок, како резултат на повисоките јавни инвестиции и заздравувањето на приватната потрошувачка, додека продолжувањето на преговорите за членство со Европската Унија може да придонесе кон забрзување на реформскиот процес и зголемување на потенцијалот за раст.

-Исто така, СБ нотира дека невработеноста кај младите ќе продолжи да се намалува и за период од три години ќе се намали за околу 9%. Стапката на сиромаштија во континуитет ќе се намалува, за да на среден рок кумулативно се намали за 20%. БДП по глава на жител на среден рок ќе се зголеми за 7%, а потенцијалот на македонската економија за раст ќе се зголемува како што земјата се приближува кон ЕУ преку реформскиот пат за структурни реформи и јакнење на економијата, стои во објавата на ресорот финансии.

Од ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека извештајот на Светската Банка за Македонија е „шамариште“ за Владата на Ковачевски. Според партијата, потопени се лагите дека македонската економија цвета.

Слични содржини