СДСМ: Преку дијалог до решение, прекин на наставата е на штета на учениците

од Берта Китинска
166 прегледи

Јасна е потребата од достоинствено вреднување на трудот на наставниците.Но, најважниот интерес на учениците е да се обезбеди континуитет на наставата, особено сега после пандемијата.Наставниците треба интересот на децата да го стават на прво место, а преку дијалог да се изнајде издржливо решение, велат од СДСМ.

Оттаму посочуваат дека преку дијалогот изминатите 4 години, СДСМ платите во образованието и детската заштита ги зголеми од 3.200 до 6.400 денари.

-Наставник во основно образование добива повисока месечна плата за над 3.200 денари, додека воспитувачките во градинките имаат плати повисоки за над 6.000 денари, споредено со периодот од пред 4 и пол години, односно во времето на ВМРО-ДПМНЕ.Покрај растот на платите, инвестиравме и во нови работни места. Во овој период во градинките се вработени над 1.000 воспитувачки, негувателки, помошен персонал, а нивните договори ги трансформиравме на неопределено време, појаснуваат од СДСМ.

Од партијата велат дека континуирано покажува дека го цени и вреднува трудот на наставниот кадар.

-Со Законот за наставници и стручни соработници, закон кој ВМРО-ДПМНЕ цела година го блокира, обезбедуваме трансформација на работните односи за околу 4.700 наставници и стручни соработници во основно и средно образование.Ако се усвоше овој Закон, сега платите на наставниците ќе беа зголемени и 4.700 наставници и стручни соработници ќе добиеја економска сигурност на работните места.Сите овие политики се донесени низ дијалог со синдикатите, работниците и надлежните институции, појаснуваат од владејачката партија.

Така и ќе продолжиме, низ дијалог ќе најдеме решение кое е во интерес на наставниците, учениците и нивните родители, посочуваат од партијата.