СДСМ реконструира – ДПМНЕ се сити на пожар, порачаа од „Бихаќка“

од Nikola Popovski
258 прегледи

СДСМ ја обвинува ВМРО-ДПМНЕ за состојбата во која се најде Универзалната сала. Според владеачката партија, „од ВМРО-ДПМНЕ се ситат на пожарот“.

-Процесот на реконструкција започна во време на СДСМ, но со доаѓањето на власт на ВМРО – ДПМНЕ и нивната градоначалничка проектот за овој култен објект и симбол на Скопје стоеше во место. Дури и одлуката за преземање на изградбата на Универзална беше проблем, заради неспособноста на локалната власт на ДПМНЕ. Доколку Универзалната сала беше уредно реконструирана и ставена во функција согласно планот и ако уште пред две години беше предадена на Министерството за култура, се ќе беше поинаку, нагласуваат од „Бихаќка“

Според партијата на власт, „ДПМНЕ не може да побегне од одговорноста за Универзална сала“.

-Тоа што новата конструкција стои нечепната, а реновирањето го прави Министерството за култура, е само доказ дека проектот за реконструкција е целосно безбеден и ги издржа пламените јазици, стои во партиското соопштение.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак, ја обвинија токму СДСМ за Универзална сала. Според партијата, „Ковачевски и Стојчевска по промената на власта ќе одговараат за нивниот однос кон симболот на Скопје“.

-Во Универзална сала подолг период власта веќе презема градежни активности, и затоа тие мора да одговорат какви материјали вградиле во изминатиов период и кој бил изведувач? Дали се вградени огноотпорни материјали или како примерот со Тетовската модуларна болница е вградувано што им се видело поевтино? Затоа што Универзална сала 50 години стои како симбол на Скопје и во моментот кога оваа криминална власт ја доведува до руина и вградува материјали со цел реновирање истата, таа гори, рекоа од партијата на Мицкоски.

Пожарот кој ја зафати Универзалната сала утрово, не и наштети на новата конструкција која остана нечепната. Според стручните лица, ова е доказ дека проектот за реконструкција е целосно безбеден.

Според информациите, предизвикана е голема материјална штета. За среќа, нема жртви или повредени, иако двајца се пренесени во болница поради вдишување чад.

Пожарот се случил во стариот дел и гореле стари материјали, иверки, а новиот дел не е зафатен, рече Лазар Арсовски – изведувачот што го реконструира објектот.

Во врска со случајот, во ПС ОН Центар се приведени тројца градежни работници кои изведувале работни задачи во моментот на пожарот и тоа Б.Р. (50), З.Т. (60) и Б.И. (53). Се преземаат мерки за расчистување на инцидентот.