СДСМ: Се потврди дека разрешувањето на директорката на „Детска радост“ беше незаконско

од Nikola Popovski
348 прегледи

По укажување на Министерството за труд и социјална политика за постоење материјални и процедурални недостатоци во работата на органите на општината, Градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, ја врати на работа директорката на градинката „Детска радост“, соопштија од владеачката СДСМ.

Според нив, со ова се потврди дека нејзиното разрешување било незаконско, со бројни прекршувања на постапките од страна на градоначалникот Стефковски.

-Ја поздравуваме брзата и ефикасна реакција на надлежните институции, времето на градоначалници – шерифи кои незаконски отпуштаат и деградираат луѓе од работни позиции, исклучиво заради партиски интереси е завршено, додаваат од владеачката партија.

Постапувајќи по укажување на Министерството за труд и социјална политика за постоење материјални и процедурални недостатоци во работата на органите на општината, Градоначалникот на општина Гази Баба кој беше избран од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бобан Стефковски, ја врати на работа директорката на градинката „Детска радост“, Анета Петровска.

Петровска обвини дека е разрешена од страна на градоначалникот од политички причини, а СДСМ објави дека ревизијата на градинката, по налог на Стефковски ја правел нелиценциран ревизор, кој не ја почитувал процедурата.

Слични содржини