Од владеачката СДСМ денес соопштија дека со прес-конференцијата на пратеникот Кастриот Реџепи се потврди она што го говореле.
-Изјавите дека пратеник бил киднапиран беа несериозни, неодговорни односно чиста невистина. Лагите на Мицкоски и Апасиев и нивните обиди да ја закочат земјата не проаѓаат во Собранието и тоа е добрата вест, велат оттаму.
СДСМ ја поздравува најавата на Реџепи.
-Мнозинството пратеници се за напредок, за задржување на вистинскиот пат, за продолжување на европските интеграции, за добри односи со соседите и стабилни меѓуетнички односи, за економска сигурност. СДСМ е отворена за соработка со сите демократски сили и пратеници, заедно да обезбедиме продолжување на напредокот на земјата, соопштија од владеачката партија.
Претходно, најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ објави дека „ако ДУИ и СДСМ се европската вредност во која Кастриот Реџепи верува тогаш Европска Унија ја боли глава од Кастриот, ДУИ и СДСМ“.