СДСМ: Се прават пресметки за замрзнување на цените на овошјето и зеленчукот

од Nikola Popovski

СДСМ го поздравува замрзнувањето на цените на дел од основните прехранбени производи и информира дека се прават пресметки за замрзнување на цените на овошјето и зеленчукот, со кои нема да се намалат откупните цени за земјоделците.

-СДСМ со одговорни и ефикасни мерки и политики го ублажува ударот од глобалната економска криза. Со мерките за замрзнување на цените се штити стандардот на народот. Цената на белиот и полубелиот леб е замрзната на 33 денари. Цените на млекото и на млечните производи се намалени за 10, а на тестенините за 15 проценти. Оризот и јајцата од кокошка се продаваат по цени од 15 март, велат од партијата на власт.

Премиерот Димитар Ковачевски и министерот за економија, Крешник Бектеши денеска повторно ќе одат во обиколка на дел од маркетите, со што ќе проверат дали се спроведуваат мерките на Владата за намалување на цените.

Ковачевски, заедно со Бектеши и директорот на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски, пред десетина дена посетија супер маркет во Капиштец, со цел да проверат дали се почитува владината одлука за замрзнување на цените на тестенините и млечните производи кои се намалени за 15, односно 10 проценти.

Владата на 21 март, ја замрзна цената на јајцата и оризот и го ограничи извозот на јајцата. Највисоките цени на оризот и јајцата останаа на нивото од 15-ти овој месец и ќе важат до 30 април. Претходно Владата ја замрзна и цената на 33 денари на белиот и на полубелиот леб од 450 грама, а Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство веќе достави анализи до Министерството за економија и за цените на овошјето и зеленчукот.

Слични содржини