СДСМ уште еднаш побара сите пратеници да гласаат за уставните измени и да бидат дел од проевропскиот блок што ќе ја придвижи земјата на чекор од ЕУ. Според партијата на власт, предложените уставни измени се јавно објавени и јасно се гледа дека тие дополнително го унапредуваат македонскиот устав и го зајакнуваат македонскиот идентитет, се унапредуваат основните права на деловите од народи кои живеат во нашата земјата, но и се истакнува посебноста на македонскиот народ.
Владеачката партија истакнува дека против предлог измените, никој, па дури и ДПМНЕ предводена од Христијан Мицкоски не се изјасни против.
Затоа, потребно е обединување околу иднината на земјата со глас за Европа во македонското Собрание. Секој кој и мисли добро на државата ќе ги поддржи уставните измени по чие усвојување веднаш ќе се отворат првите поглавја и ќе се забрза процесот на интеграција во ЕУ, порачаа од „Бихаќка“.
На ова реагираа и од ВМРО-ДПМНЕ, од каде уште еднаш појаснија дека остануваат на својот тврд став.
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ е јасна со континуиран став, уставни измени под овие услови и бугарски диктат нема да има. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата тоа го кажа и на Комисијата за уставни измени, ќе го повтори и на пленарната седница, стои меѓу другото во соопштението од најголемата опозициска партија.
На 18 август, Собранието најнапред треба да го изгласа дневниот ред со единствена точка – Предлог за пристапување кон измена на Уставот на Република Северна Македонија за што се потребни 61 глас. Потоа се пристапува кон претрес по предлогот.