СДСМ: Секоја измена во Законот за јазиците мора да биде во согласност со препораките на Венецијанската комисија

од Nikola Popovski
164 прегледи

СДСМ бара од Уставниот суд да носи одлуки кои се правно и конституционално втемелени, транспарентни и во согласност со Уставот без притисоци и политички влијанија. Најголемата опозициска партија остро ја осудува, како што велат, политизацијата и манипулациите со чувствителни прашања, кои имаат потенцијал да ја нарушат стабилноста на државата и да го предизвикуваат соживотот.

-Затоа сме со став, дека секоја измена во Законот за употреба на јазиците мора да биде во согласност со препораките на Венецијанската комисија. СДСМ, имено, стои на ставот дека сите законски решенија мора да бидат јасни, применливи и во согласност со европските стандарди, но и во духот на мултикултурата во Република Северна Македонија и Охридскиот Рамковен договор, порачаа од партијата на Венко Филипче.

Најгласни во реакциите се од опозициската ДУИ.

-Ова е критичен момент не само за Албанците, туку и за сите граѓани на државата кои веруваат во демократските вредности, еднаквоста и соживотот, велат од ДУИ.

-Како легитимни претставници на мнозинската волја на Албанците во Македонија од последните избори, нагласуваме дека секое нарушување на уставната еднаквост претставува нарушување на мирот, стабилноста и заедничкиот прогрес, порачаа од партијата на Али Ахмети и им се обратија на судиите на Уставниот суд.

На конечната одлука во Уставниот суд за спорните членови од Законот за јазиците претходи процедура која може да трае со месеци и со години, кажа вчера премиерот Христијан Мицкоски. Според него, ДУИ во чиј мандат се изгласани уставните судии, сакаат да креираат впечаток во јавноста дека одлуката на седницата закажана за в среда, не е донесена благодарение на нивниот политички притисок.

-Нивната цел е сега како политички глодари да начекаат и да видат дека еве сега знаеме како одат процедурите, ние ќе правиме политички притисок и кога нема ништо утре да се случи да излезат во јавноста, нормално тоа може да го прават само политички глодари, да излезат и да кажат – еве поради тоа што ние правевме притисок се одложи сето ова, изјави премиерот.

Партиски, лични и субјективни – вака шефицата на државата, Гордана Сиљановска-Давкова ја оцени изјавата на лидерот на интегративците дека укинувањето на која било одредба од Законот за јазиците е удар врз стабилноста на државата. Таа порача дека партиските лидери треба да се воздржуваат од коментари за работата на Уставниот суд.

Слични содржини