Шпекулации се информациите, реконструкцијата на Владата не е тема, велат од СДСМ за „Локално“, во врска со информациите во медиумите дека во политичките кругови веќе започнало да кружат информации дека Владата планира да направи мини реконструкција откако министерот за локална самоуправа и лидер на ЛДП, Горан Милевски соопшти дека се повлекува од владиниот кабинет.
Од партијата на Гаша во разговор за „Локално“, вчера посочија дека Владата функционира најнормално и нема причина за реконструкција.
-Сега за сега владата функционира најнормално и нема никаква причина за некој вид на реконструкција. Нашите министри, Беким Сали и Адмирим Алити, се меѓу најуспешните кадри не само од Алтернатива, туку и во целата Влада. Затоа не гледаме никаква причина за отварање вакви непотребни теми, информираат од Алтернатива.
Вицепремиерот Артан Груби во емисијата „Клик плус” на ТВ21 изјави дека за уставните измени ќе успеат да ги обезбедат гласовите уште на 6 пратеници од македонската опозиција, кои недостигаат за двотретинско мнозинство. Груби рече дека во моментов 74 пратеници во Собранието се „за” уставните измени.
-Шестмината ќе ги најдеме во проевропскиот дел на опозицијата, каде тој европски дух е во растеж и тоа е очигледно. На кого мислам? На македонската опозиција. Дали мислам на пратеници на ВМРО? Македонската опозиција не е само ВМРО. Мислите дали ќе добиеме гласови и од Левица? Па таму во опозицијата имате и други политички партии во рамките на ВМРО-ДПМНЕ. Ја имате Социјалистичката партија, ја имате српската партија, ја имате ромската партија, имате други партии, има и независни пратеници, рече меѓу другото Груби.
Според информациите во медиумите Владата размислува да направи промена во министерствата каде има двајца кадри од Алтернатива, а станува збор за министер за здравство Беким Сали и министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити. Меѓу споменатите се наведува и името на министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.