СДСМ продолжува со критиките кон претседателката на државата, Гордана Силјановска-Давкова. Од најголемата опозициска партија велат дека шефицата на државата „нема ниту капацитет, ниту достоинство да биде претседателка“.
„По скандалозната посета на Софија, таа сега информираше дека свесно решила да се слика без знаме за наводно да не направела скандал. Свесно се сликала и свесно ја објавила фотографијата, па според ова таа свесно предизивикала понижување на државата и граѓаните.
Силјановска одлучила да ја понижи државата и нејзините граѓани за таму во моментот да не и биде непријатно. Фактот што нашата делегација според нејзините тврдења отишла целосно неподготвена, без никаква координација со протоколот на Радев и без знаење за тоа што е планирано од протоколарни активности, укажува на целосно отсуство на одговорност и професионализам во нејзиниот тим. Аматерски подготвена посета која однапред била осудена на фијаско“, истакнуваат од СДСМ.
Вчера Силјановска, нејзиниот разговор со бугарскиот претседател Румен Радев во петокот во Софија го опиша како „долг, пријателски и со почит“ и дека „ниту за миг не ги заборавила македонските национални интереси“. Таа во гостувањето на телевизија Сител во врска со отсуството на државното знаме за време на средбата со Радев во Софија, рече дека одлучила оти е подобро да не прави скандал и напомена дека одговорност за шефот на протоколот нема да има.
Протестна нота за бугарскиот амбасадор во земјава и барање одговор зошто во петокот за време на средбата меѓу претседателите на Македонија и Бугарија е прекршен договорениот протокол па Сиљановска Давкова и Радев се сликаа само пред бугарски знамиња.
Не е коректно усно да се реагира и во време кога во Бугарија се случи авионска несреќа и загинаа двајца пилоти, велат во македонското Министерство за надворешни работи. Посочуваат дека биле свесни за ризиците, но дека другата страна отстапила од договорениот протокол.
За премиерот Мицкоски, потегот на Бугарија е покажување на мускули, а светот и Европа ги видоа вистинските намери на источниот сосед.
Во МНР беше повикан новоименуваниот бугарски амбасадор во земјава, Желјаско Радуков, за да му биде врачена протестна нота по случајот со неистакнувањето на македонското знаме на претседателската средба во Софија. Радуков, како што потврди МНР, одбил да ја прими протестната нота.