Сите инволвирани во „Титаник“ и други предмети да се повлечат од политиката, Мицкоски да поднесе оставка, бараат утрово од СДСМ откако дел од обвинетите за овој предмет признаа вина пред судот. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и раководствотo на партијата мора да си поднесат оставка, порачаа од Бихаќка.
„Врхушката на ВМРО ДПМНЕ, клучните играчи на осудениот криминалец Никола Груевски, признаа дека ја користеле моќта и противзаконски влијаеле на избирачко право, непријавувале извори на финансирање на партијата и користеле недозволени средства за изборните кампањи. Не само што 11 години ја фалсификувале волјата на граѓаните и направиле изборен криминал туку го злоуппотребиле и парите на народот“, сметаат од партијата на власт.
Христијан Мицкоски кој му беше советник и генерален секретар на Никола Груевски, според нив, треба да се извини, да поднесе оставка и да побара враќање на парите кај народот.
„Покрај Мицкоски, сите инволвирани во Титаник и други предмети треба да се повлечат од политиката, како Милошоски, Јанушев и многу други“, се вели меѓу другото во соопштението.