СДСМ: Скандалот со загинатиот работник поврзан со луѓе блиски до Николовски и ВМРО-ДПМНЕ

од Nikola Popovski
309 прегледи

На 17 ноември, при ископ за изградба на нова зграда, на улица „Пиринска“ во Скопје загинал работник кој управувал со багер. За оваа трагедија во којашто за жал е загубен човечки живот има поднесени кривични пријави за незаконско работење. Градежната јама не била соодветно обезбедена, не биле преземени безбедни услови за работниците. Граѓаните треба да знаат дека во случајов станува збор за работник кој бил ангажиран за компанија на Ивица Георгиевски – Фреди. Човек близок до ДПМНЕ и актуелниот потпретседател Александар Николовски. Во дел од медиумите се објавени и информации дека наводно Николовски е ортак со Георгиевски, обвинија од СДСМ преку партиско соопштение.

Според партијата на власт, надлежните институции треба да испитаат и дали е точно дека ископот се вршел без одобрение за градба.

-Очекуваме Александар Николовски да излезе пред граѓаните и да се изјасни за овој скандал, побараа од СДСМ.

Министерството за труд и социјална политика соопшти дека Државниот инспекторат за труд спровел сеопфатна инспекциска постапка за утврдување на  околностите кои ја предизвикале несреќата.

-Изведувачот на градежните работи имал склучено договор за изведување на градежни работи со инвеститорот на објектот. Вработениот Т.М. бил ангажиран од страна на изведувачот на работно место багерист согласно законските одредби со склучен Договор за вработување на неопределено работно време и пријавен во задолжителното социјално осигурување.

Несреќата на работа со фатални последици се случила кога вработениот вршел ископ на последните кубици чакал од ивицата на темелната (градежната) јама при што земјиштето под него почнало да се обрушува, а вработениот Т.М. заедно со багерот паднал во темелната јама. При падот багерот се превртел, а работникот останал приклештен во кабината на багерот и се здобил со тешки повреди кои за кратко време по извлекувањето предизвикале смрт кај работникот.

Од страна на инспекторите веднаш е дадена забрана за работа на мобилното градилиште за сите правни субјекти инвеститор, изведувач и надзор поради постоење непосредна опасност по безбедноста и здравјето при работа на вработените заради необезбедени мерки за безбедност и здравје на вработените на самото градилиште.

По изречената инспекциска мерка–забрана државните инспектори за труд континуирано вршеа контрола дали истата се почитува се додека не беа создадени безбедни услови за работниците во понатамошни дејствија на градилиштето.

Државните инспектори за труд по извршените вонредни инспекциски надзори  утврдија дека кај три правни субјекти не се превземени соодветни мерки во согласност со прописите од областа на безбедност и здравје при работа што резултирало со тешка повреда со смртни последици на работникот,  поради што ќе бидат поднесени кривични пријави за сите правни субјекти заради предизвикување на опасност при градежни работи согласно  член 289 од Кривичниот законик („Сл.весник на РМ’ ’бр.37/96, 80/99, 4/02, 43/03, 19/04, 81/05, 60/06, 73/06, 7/08, 139/08, 114/09, 51/11,135/11,185/11,142/12,166/12,55/13,82/13,14/14,27/14, 28/14, 115/14, 132/14, 160/14, 199/14, 196/15, 226/15,97/17 и 188/23) до надлежното Основно јавно обвинителство за понатамошно постапување, појаснија од МТСП.

Пред два дена, градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски ги повика на одговорност Фреди и Николовски, за немилиот настан. Тој побара и притвор за нив додека, како што вели, не се утврди степенот на нивната одговорност. Меѓудругото, Јакимовски вели дека во моментот на несреќата, Фреди немал градаежна дозвола. Ги обвини двајцата дека вршеле притисоци врз надлежните институции.

Слични содржини