„Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски ја злоупотреби собраниската говорница за да шири лажни вести за македонскиот хируршки тим кој е на мисија во Авганистан. Амбасадата на Кралството Норвешка јавно ги демантираше лагите на Стојановски дека наводно постоел норвешки воен извештај кој нотирал дека нашиот хируршки тим не знаел да изведе обичен хируршки зафат“, изјави на прес-конференција, Стефан Васев од СДСМ.
Според него, иако било побарано извинување, Стојановски се уште не ѝ се извинил на Амбасадата на Норвешка.
„Не е првпат партиски функционери на ВМРО-ДПМНЕ да го поткопуваат меѓународниот углед, не е првпат да бидат демантирани од странски претставништва.
Антонијо Милошоски беше демантиран од Конзулатот на Белорусија, Александар Николовски беше демантиран од Обединетите нации, а потоа и од амбасадите на Чешка и Словачка.
Денес и Стојановски ги следи лошите примери на неговите поискусни колеги и ја злоупотребува говорницата во Собрание за да шири лаги на штета на државата.
Ништо не се менува во ВМРО-ДПМНЕ. Партијата предводена од Мицкоски шири лажни вести и брани криминал. Затоа граѓаните ги казнуваат, затоа уште долго ќе бидат опозиција“, рече Васев.
Егил Далтвајт, аташе за одбрана во амбасадата на Кралството Норвешка, реагираше со отворено писмо до македонската јавност на упорните навреди од страна на ВМРО-ДПМНЕ за нашите хирурзи испратени во Авганистан, а со тоа и на злоупотребата на добрата волја на Норвешка, која учествуваше во нивната обука. Во гест несвојствен за политичари на земји членки на НАТО, пратеникот Бојан Стојановски повторно тврдеше во Парламентот дека главниот хирург испратен од страна на нашата земја во мисијата во Авганистан не бил способен да изведе ни обична хируршка интервенција.