СДСМ: Тошковски не расчисти ниту едно од петте убиства откако стана министер

од Nikola Popovski
60 прегледи

СДСМ обвинува дека Македонија станува сцена од каубојски филм каде убиствата и уличните пресметки се секојдневие. Од партијата на Венко Филипче вперуваат прст во министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски. Тврдат дека нема разрешница на ниедно убиство во последните шест месеци.

Според СДСМ, откако ВМРО-ДПМНЕ раководи со МВР имаше пет убиства и три обиди за убиства.

-Додека Мицкоски се сили како наводно криминалците се плашеле од него, државата заличува на предградие на мексикански град каде владеат картелите.

Само пред две недели се случи последното убиство во Тетово за кое од тогаш не слушнавме ништо од МВР, освен празните соопштенија дека задржале некого на разговор.

За потсетување, се уште нема епилог од 1 јули кога имаше пукање во Батинци кон автомобил во кое загина едно лице. Второ, нема никаков епилог и во фамозниот случај во кој во Железара матичниот 67-годишен лекар Ацо Трпковски беше пронајден избоден на паркинг пред поликлиниката.

Нема никаква разрешница ниту за убиството во Горно Блаце од февруари годинава. Нема никакво решение или епилог за обидот за убиство на градоначалникот на Арачиново кон кој беше пукано од возило. Листата е предолга за да се набројат сите случаи, стои во партиското соопштение.

Министерството за внатрешни работи утринава ја потврди смртта на познатиот бизнисмен Чедомир Радомировиќ кој вчера, со повреди на главата, беше пронајден покрај автомобил во скопски Орман. Од Министерството засега не соопштуваат дали станува збор за убиство или самоубиство. Посочуваат оти полицијата презема мерки за расчистување на случајот.

Слични содржини