СДСМ: Тошковски призна дека не може да го реши проблемот со пасошите, од ДПМНЕ велат наишол на „ѕид“ од Грција

од Nikola Popovski

Уште на првиот ден од мандатот како технички министер за внатрешни работи на ДПМНЕ, Тошковски призна дека неможе да го реши проблемот со издавањето пасоши, реагираат од СДСМ.

Според владеачката партија, ДПМНЕ до пред само неколку дена велеа дека Спасовски не можел да го реши проблемот, дека МВР не работело со сите капацитети, дека со закон ќе интевенирале за да се пролонгира важењето на старите пасоши.

-Одеднаш ништо од законот, одеднаш МВР работело со полн капацитет, одеднаш не можело да се реши, па редат оправдувања дека „не може да прави чуда“,  дека наишол на „ѕид“ од Грција, велат од СДСМ.

Пунктот кај ПС „Пролет“ е наменет за сите граѓани кои немаат закажано термин за вадење на лична карта, возачка дозвола или пасош или пак терминот им е после 12 февруари годинава.

Претседателот Стево Пендаровски пред извесно време даде предлог за надминување на проблемот со пасошите и најави дека може да помогне во комуникацијата со Грција, но нема преземено обврска во таа смисла.

Законска обврска за смена на личните документи согласно Договорот од Преспа е 14 февруари 2024 година.

Договорот од Преспа беше потпишан на 17 јуни 2018 година, а уставните измени за промена на името во Северна Македонија во Собранието беа изгласани на 11 јануари 2019 година. По излегувањето на измените во Службен весник во февруари 2019 година почнаа да течат петгодишните рокови согласно Договорот. Но, проблемот е во тоа што државата не почнала веднаш со издавање на лични документи со „Република Северна Македонија“, па така има граѓани кои ги замениле личните документи по овој рок, а државата им издала лична карта, пасош или возачка дозвола со „Република Македонија“.

Слични содржини