СДСМ обвинува дека возило цистерна сопственост на гевгелиското локално комунално претпријатие „Комуналец“ по налог на в.д. директорот Чочков кадар на ВМРО-ДПМНЕ Гевгелија е испратена за Штип, поради како што велат од партијата, миење на улиците за најавената посета на Христијан Мицкоски во Штип.
-Утре е најавено отварање на спортско игралиште во штипската населба Баби, а меѓу поканетите гости е и лидерот на ДПМНЕ. Ги потсетуваме расипокуќниците од локалната власт и градоначалникот Сарамандов, дека неговиот новопоставен партиски кадар во локалното комунално претпријатие не располага со имотот на јавното претпријатие како маалско гранапче. Возилата на ЈПКД „Комуналец“ имаат јавна намена за потребите на Гевгелија и општината, а не служат за пречек на исфрустрирани самоувртени „величини“ без никаква одговорност за јавното добро и јавниот имот, соопштуваат од владеачката партија.
Од партијата потенцираат дека во услови на енергетска криза, ЈПКД „Комуналец“ Гевгелија троши средства на граѓаните на Гевгелија за разубавување на денот на Мицкоски во Штип.
-Одговорност за партиското полтронство В.Д. директорот ќе поднесе пред Советот на општина Гевгелија, пред претставниците на локалната власт и пред граѓаните кои ја бирале оваа расипничка власт во Гевгелија. Ги потсетуваме локалните функционери од ДПМНЕ, дека ЈПКД „Комуналец” не е партиска подружница на ВМРО – ДПМНЕ туку јавно претпријатие основано од Советот на општината, со основна намена да им служи на жителите на општина Гевгелија!, стои во соопштението на партијата од „Бихаќка“.