Со консензус е донесена одлуката на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО – природното и културно наследство на нашиот Охридски Регион да не биде впишано на листата на светско наследство во опасност. Со оваа одлука Комитетот укажува дека го препознава и уважува напредокот на Република Северна Македонија насочен кон зачувување на исклучителната универзална вредност на Охридскиот Регион, велат од владеачката СДСМ преку соопштение.
Според нив, ова не значи дека работата е завршена, пред нас се бројни предизвици, но со силна посветеност и ангажираност заеднички ќе ги надминеме.
-Во периодот што престои, како што најави Владата, заедно со Албанија, ќе ја засилиме соработката и координацијата со Центарот за светско наследство и советодавните тела на УНЕСКО, како и со Европската Унија и другите стратешки партнери, со цел комплетна имплементација на Планот за управување со светско природно и културно наследство во Охридскиот Регион.
Северна Македонија продолжува со исполнување на препораките на УНЕСКО и одлуките на Комитетот за светско наследство во соработка со општинските власти во Охрид, Струга и Дебарца како и со граѓаните и надлежните институции, стои во партиското соопштение.