СДСМ: Владата има обврска пред пратениците да го презентира планот за продолжување на европската интеграција

од Nikola Popovski
10 прегледи

Од СДСМ велат дека сè уште чекаат одговор од премиерот Христијан Мицкоски и Владата на ВМРО-ДПМНЕ за предлогот за свикување собраниска седница за европската интеграција на Македонија.

СДСМ е децидна дека премиерот и Владата имаат обврска пред пратениците и пред граѓаните да го презентира планот за продолжување на европската интеграција на земјата и подобрување на позициите во преговарачката рамка со конкретни рокови, како што беше ветено пред граѓаните пред изборите.

-И покрај дадените ветувањата за подобри услови во преговорите, досега од страна на Владата не се преземени никакви видливи чекори, нема никаква иницијатива ниту пак некакви рокови кога би можело да се случи тоа. Напротив, процесот е целосно блокиран од страна на Владата, порачаа од СДСМ, додавајќи дека се подготвени да поддржи стратегија којашто ќе значи подобрување на позициите и продолжување на европскиот пат на државата.

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче уште минатата недела побара да се свика затворена седница во Собранието, на која ќе се дискутира за иднината на евроинтегративниот процес на Македонија. Според Филипче, овој момент е од клучно значење, бидејќи преговорите со Европската унија се во застој и Владата треба да даде јасен план за тоа како планира да го продолжи патот кон ЕУ.

Синоќа Мицкоски истакна дека кога ќе има нови детали опозицијата ќе биде информирана, односно дека „оваа влада нема да ја повтори грешката на СДСМ кога беа на власт и сами го тераа процесот без да информираат и без да се консултираат со опозицијата“.

„Не ја повторуваме истата грешка и нема да ја повториме. Кога ќе има нешто за кое би требало да биде информирана опозицијата, тогаш верувајте веднаш ќе ги информираме. Односно да има напредок за да може да го споделиме со опозицијата. Во моментов се е на позиционирање и поставување на играта и нема поместување.“, рече Мицкоски во Отворено студио „100 дена Влада“ на МРТ.

Слични содржини