СДСМ обвинува дека Владата поставува неквалификувани и осудени кадри, спомнувајќи ги имињата на новиот директорот на Клиниката за урологија, Башким Шабани и главниот ревизор на Ревизијата на претпристапната помош, Афрона Вервизоли.
Според партијата во опозиција, Шабани има судска пресуда од 2020 година со која е виновен дека во 2019 претепал колега, удирајќи го по главата и по телото.
-Второто кадровско решение, Афрона Вервизоли, кое веќе го истражува Делегацијата на ЕУ во Македонија е целосно потценување на позицијата. Со владина одлука, од минатата недела на таа позиција е назначена Афрона Вервизоли која според медиумите нема соодветни квалификации за таа позиција. Според достапните информации, Вервизоли работела на шалтер во банка, а сега ќе треба да биде главен ревизор на претпристапната помош во ЕУ. Ваков напредок во кариерата е можен само во Владата на Мицкоски, а кои се причините должен е да каже тој, обвинуваат од СДСМ.
Во ДКСК веќе стигнала анонимна пријава дека несоодветно и нестручно лице е поставено за главен ревизор на Ревизијата на претпристапната помош. До Ревизорското тело за ИПА фондови во Скопје е доставено барање за информации кои законски услови се потребни за некој да биде назначен на оваа важна позиција задолжена за контролира дали европските пари се трошат ефикасно и наменски. Покрај тоа се бара и информација за тоа дали Вервизоли ги има потребните сертификати и дали ги исполнува законските услови за да биде главен ревизор за ИПА фондовите.
За случајот со урологот Шабани, тој го признал делото, искажал каење за тоа што го сторил, па поминал со пресуда „Опомена“, изречена од судија од Основниот кривичен суд Скопје. Шабани е назначен за директор на Клиниката на 6-ти август, а го именуваше министерот за здравство, Арбен Таравари.