„Сериозни скандали ја потресуваат државата, а власта очајно се обидува да дефокусира со нови спинови за името“, реагираат од СДСМ по обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека екс-премиерот Зоран Заев и лидерот на СДСМ, Венко Филипче го смениле името на државата во возврат за пари.
Од СДСМ потсетуваат дека ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски ветуваа дека ќе го вратат името.
-Цела кампања ја базираа на ова ветување. Денес се на власт – што чекаат? Зошто не ѝ кажат на меѓународната заедница дека го менуваат името, прашуваат од „Бихаќка“.
Претходно од ВМРО-ДПМНЕ прашаа „ако екс-претседателот Kиро Глигоров одбил 100 милиони долари за промена на името на државата како што стои во документите на ЦИА, тогаш се поставува прашањето колку пари земале Заев и Филипче за промената на името, поточно за завршување на таа работа“.
Документот на ЦИА со датум од 6 ноември 1992 година открива дека Глигоров се соочил со директен обид за финансиско влијание врз државната политика во исклучително ранлив момент. Иако Македонија во тој период се наоѓала во тешка економска состојба поради распадот на федералниот пазар и меѓународната изолација, претседателот одбил приватна понуда од 100 милиони долари од страна на грчки функционери. Овој износ бил директно условен со промена на името на државата.