СДСМ: Во ВМРО-ДПМНЕ не прават разлика меѓу стилизирано сонце со 12 краци и сонцето од знамето со 8 краци

од Nikola Popovski
492 прегледи

ВМРО-ДПМНЕ требало до сега да научи дека на државното знаме има сонце со 8, а не со 12 краци. На логото за годинешниот јубилеј за кој ВМРО-ДПМНЕ денеска глуми наводна загриженост не е ставено знамето туку на него има стилизирано сонце, со видлива разлика и во типот и во бројот на краци, велат од СДСМ, како реакција на соопштението на најголемата опозициска партија.

Според нив, логото за јубилејот “30 години независност” е составено од повеќе елементи.

„На традиционалната црвена основа, обединети се симболите со кои се потенцира 30 годишнината од независноста. Сонцето, уставното име, меѓународниот код МК код бројот 30 раскажуваат за нашата државност. ВМРО-ДПМНЕ како антинародна партија е и докажан непочитувач на државното знаме“, стои во реакцијата на СДСМ.

Опозициската ВМРО – ДПМНЕ најостро го осуди изборот на лого за одбележување на 30 годишнината од осамостојувањето на Република Македонија и според нив, предложеното идејно решение не претставува ништо друго, освен брутално сквернавење на знамето на Република Македонија како симбол на нејзината државност.

-Непостоењето на терминот „Република“ како одредница за општественото уредување и пренебрегнувањето на фактот дека на 8 Септември 1991 година, македонскиот народ гласаше за суверена и независна држава Република Македонија, го прави понуденото решение целосно неприфатливо. Од овие причини бараме итно и неодложно повлекување и распишување на нов Конкурс со прецизни параметри кои треба да бидат испочитувани при изборот на ново лого, велат од партијата преку соопштение.

Владата смета дека знамето на Република Северна Македонија има специфична државна вредност и истото не треба да се става во логоа за прослави. Тоа треба да се користи издвоено, засебно, чисто, со јасно истакнување на настани и исклучиво онака како што е пропишано во законот.

„Логото не го содржи државното знаме, Сонцето кое е употребено во логото е различно од Сонцето од државното знаме“ реагираат од Владата.

Слични содржини