СДСМ: Во ВМРО-ДПМНЕ се уште има соработници на Груевски, еден од нив е Николоски

од Nikola Popovski
246 прегледи

Новата Влада предводена од СДСМ значи ефикасност во работењето, одговорност и посветеност во решавањето на сериозните предизвици кои се пред граѓаните. Покрај докажани кадри од претходниот состав на Владата, речиси 70 отсто од министрите од редовите на СДСМ се нови, компетентни лица, подготвени да ја преземат одговорноста во соодветните ресори, вака реагираат од СДСМ на денешната прес-конференција на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.

Како што велат, за разлика од тоа, во ВМРО-ДПМНЕ нема никаква промена.

-Таму во раководството се уште се присутни соработници на Никола Груевски и поддржувачи на режимот, тоа се истите луѓе истата реторика од пред пет години.

Еден од нив е и потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски кој денеска излезе на прес-конференција, а кој во политиката и во раководните структури на партијата е присутен над 15 години.

Очигледен е стравот, уште поочигледна е нервозата во ВМРО-ДПМНЕ од нивниот дебакл при формирање ново парламентарно мнозинство па затоа од белиот дворец секојдневноно се пласираат лажни вести и неосновани напади кон претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски и неговиот тим, стои во партиската реакција.

Николоски денеска изјави дека новата влада предложена од новиот мандатар и лидерна СДСМ, Димитар Ковачевски, е влада на „поразени политичари коишто економски и криминално ќе ја доуништат Македонија“ и додаде оти се работи за влада во континуитет во којашто доминираат Зоран Заев, Оливер Спасовски и ДУИ, а не нова влада.