„Прво граѓаните ја видоа режираната претстава на граница, доаѓањето со наочари, со насмевка, каде недостасуваше уште црвен килим за Груби. Вчера Мицкоски изјави дека тоа биле класифицирани информации, доверливи и не може да се соопшти. Имал чувство. Сега излегуваат информации дека наводно „странски служби“ јавиле уште пред една година и дека безбедносна проценка воопшто не била направена од АНБ и МВР“, велат од СДСМ за приведувањето и куќниот притвор на Артан Груби. СДСМ целата ситуација ја опишува како „циркус“.
„Само не кажаа која, дали српска или руска странска служба“, прашуваат од партијата на Венко Филипче. Оттаму потсетуваат дека Обвинителството прво велеше дека АНБ на Бојан Христовски и МВР на Панче Тошковски дале безбедносна проценка дека Груби не е безбеден и затоа морале да одредат куќен притвор.
„Веќе не знаат што да излажат. Само нешто се измислува за да се покрие сценариото. Исто како во времето на Никола Груевски. Какви странски служби, какви проценки, нема посилна потврда од ова дека сè е договорено“, стои во партиското соопштение.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера одговори дека искуството на опозицијата со нарачани пресуди, конструирани процеси и лаги ги наведува да мислат дека ништо не се сменило. Тој рече дека нема логика да прави договор со тие кои го посакуваат неговиот политички крај, а за судбината на Груби ќе одлучува независната судска власт.
Претседателот на собранието, Африм Гаши истакна дека нема информации дека станува збор за политичка одлука, но се согласува дека „случајот Груби“, предизвикува таква перцепција во јавноста, како и лошо чувство кај граѓаните.