СДСМ за национални координатори ги поставуваше Алаѓозовски и Попов без придонес за државата, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ

од Nikola Popovski
58 прегледи

ВМРО-ДПМНЕ се огласи со реакција по соопштението на СДСМ околу националните координатори назначени од Владата. Од најголемата владеачка партија ги спомнаа имињата на Роберт Алаѓозовски и Мартин Попов, за кои велат дека „биле национални координатори, а двајцата без никаков придонес за државата и без грам искуство“.

-Национален координатор во време на СДС беше и Стево Пендаровски, најслабиот претседател во историјата на Македонија. СДС не само што редеше неспособни национални координатори, туку и нивни заменици, без да има за тоа реална потреба.

За разлика од времето на СДС, владата на ВМРО-ДПМНЕ за национални координатори поставува луѓе со голем кредибилитет и минат труд во областите за кои ги назначува, порачаа од партијата на Христијан Мицкоски.

Претходно од СДСМ обвинија дека Владата секој ден со свои одлуки именува некакви национални коордонатори за решавање на различни прашања.

-Тоа не е ништо друго освен легализирана кражба на буџетот преку доделување месечна апанажа на неопределен рок во висина од над 100.000 денари на заслужни партиски активисти на ДПМНЕ како што се Влатко Ѓорчев, Затуровска, Павле Трајанов, Ивица Боцевски и други.

Сега за секоја надлежност на Владата имаме по еден министер, заменик министер, државен секретар, советник на премиерот и национален координатор, истакнаа од опозициската партија, прашувајќи дали Владата планира да именува национален координатор за координација на координаторите?

Пред неколку дена беше објавено дека покрај позицијата на Влатко Ѓорчев, национални координатори ќе има за локална самоуправа, за што е назначена поранешната пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ, Лилјана Затуроска, и за безбедност на храна, каде што е поставена Верче Мицевска.

Претходно Владата ги назначи Павле Трајанов за национален координатор за спречување насилен екстремизам и борба против тероризмот, Блерант Рамадани за национален координатор за примена на нови технологии и Солза Грчева за национален координатор за реформи во високото образование.

Слични содржини