СДСМ за намалување на ДДВ за струја: За сметка од 3.000 денари, заштедата ќе изнесува околу 400 денари месечно

од Nikola Popovski
74 прегледи

Пратениците на СДСМ вчера поднесоа измени на Законот за ДДВ со кои предлагаат намалување на данокот за струја од 18 на 5 отсто, како и укинување на ДДВ за основните прехранбени производи. Според партијата, ова ќе придонесе за значително намалување на сметките за струја на над 600.000 домаќинства.

Како што велат од „Бихаќка“, за сметка од 3.000 денари, заштедата за граѓаните ќе изнесува околу 400 денари месечно.

-Евростат измери дека граѓаните на Македонија плаќаат најскапа струја во регионот. Владата на Мицкоски покажа голема неспособност и незаинтересираност, наместо да им помогне на граѓаните ги остави сами, стои меѓу другото во партиското соопштение.

СДСМ претходно обвини дека добил сметки за струја на увид, според кои, некаде се покачени за 20%, а некаде дури и за 30%. Обвинија дека некаде биле платени неверојатни 8.000 денари за струја во јануари или 2.000 денари повеќе од минатиот месец.

Во декември беше објавено дека од 1 јануари во просек сметките за струја за домаќинствата со просечна потрошувачка од прв, втор и трет блок ќе се зголемат за 0,92 проценти.  Тоа значи дека на едно просечно домаќинство во земјата коешто има сметка од 2.300 денари, трошокот за електрична енергија ќе му се зголеми за 21 денар.

РКЕ претходно информираше дека делот од мрежарината што го плаќаат домаќинствата и 90 проценти од малите потрошувачи се намалува за седум проценти. Претходно мрежарината за домаќинствата изнесуваше 2,3 денари, а сега е 2,14 денари. Процентуалното учество на трошоците за мрежарина е 38 проценти.

Слични содржини