„СДСМ во целост се оградува од какви било нерегуларности или конструкции за нерегуларности за овие избори. СДСМ води искрена, приземјена, отворена и јавна комуникација со граѓаните и ги отфрла сите обиди со кои наводни вибер групи би требало да докажат дека СДСМ се занимавал со следење луѓе на денот на избори“, се вели во реакцијата на партијата на Заев на прес-конференцијата на Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ.
„Тоа време заврши пред четири години, тоа е времето на МВРО-ВМРО од кое граѓаните денес се заштитени и преку институциите и преку севкупниот демократски амбиент. Граѓаните од 2016 година наваму гласаат слободно, а сите четири изборни циклуси од тогаш наваму, како и референдумот, се потврдени како целосно слободни, фер и демократски.
Во пресрет на вториот круг се засилува Центарот за манипулации на ВМРО-ДПМНЕ, граѓаните на 31 октомври масовно ќе излезат на гласање и со демократски методи ќе спречат враќање на режимот и злоупотреба на институциите во партиски цели.
Сепак, за и овој куп лаги на ДПМНЕ да распука како меур од сапуница, бараме од институциите итна постапка и расчистување на овој случај. Јавноста треба да знае дали било која институција креирала таква група и дали наводните дејствија презентирани на прес-конференција било кога реално се случиле“, додаваат оттаму.
Злосторничката групација составена од полицајци на Зоран Заев и Оливер Спасовски договарале малтретирање на граѓани за изборната кампања, рече денеска на прес-конфернеција членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки. Тој вели дека информациите им ги доставиле загрижени полицајци вработени во МВР кои не сакале да учествуваат повеќе во истата злостoрничка група.
„Полицајци блиски до Социјалдемократскиот сојуз одработувајќи за оваа партија, формирале злосторничка група за време на изборната кампања чија цел е следење на членови на ВМРО-ДПМНЕ и злоупотрeба на службените овластувања, со цел физичко малтретирање и селективно попречување на слободата на движење на луѓе кои не се од Социјалдемократскиот сојуз. Групата од над четириесетина полицајци се координирала на апликацијата вибер. Во таа група именувана „ХХХ“ според она што досега го идентификувавме има началници, полициски командири и полицајци во улога на партиски извршители“, рече Ковачки на денешната прес-конференција.
Тој додаде дека за изборите било договарано, следење, малтретирање и шиканирање на луѓе од ВМРО-ДПМНЕ. Ковачки посочи дека во групата членувале високи полициски функционери од Прилеп и од седиштето на МВР во Скопје.