СДСМ смета дека укинувањето на ДДВ на храната е вистинска мерка за цените на производите, а не кошничките што ги презентираат од Владата. Според најголемата опозициска партија, со укинување на ДДВ на храната реално и вистински ќе се намалат цените на повеќе од 250 категории на производи, а домаќинствата ќе можат да заштедат и до 2.000 денари месечно.
За мерките на Владата дека се покажале како неефикасни и немаа никакво влијание врз намалување на цените.
Во Владата денеска се одржа состанок меѓу премиерот Христијан Мицкоски и претставниците на стопанските комори за новогодишната потрошувачка кошничка. Таа се состои од листа на прехранбени производи, алкохолни и безалкохолни пијалаци, предложени од производителите и од трговците, а кои за новогодишните празници ќе бидат по ниски цени. Кошничката ќе вклучува над 600 производи, меѓу кои и традиционалните за празниците -леб, житарки, месо, риба, млечни производи….
Исто така е предвидено да се намалени цените на сокови, супи, чоколади, бонбони, крекери, бискивит, кафе, ајвар… Како што беше информирано, производите ќе се продаваат за цени кои се 10% помали од претходно, но и повеќе.
Новогодишната кошничка ќе трае во периодот од 15 декември 2024 до 15 јануари 2025. На рафтовите ќе се појават и налепниците „помалку трошоци, повеќе за тебе“ и „се грижиме“.
Според премиерот, ова не е направено преку ограничување на цените, туку претставува консензуално решение, односно нема да има казнување, туку само мониторинг. Државниот пазарен инспекторат ќе биде на терен само да проверува дали се обележани сите производи кои се на листата.
Претходно, еден месец беше спроведена есенска кошничка, со ограничување на профитните маржи за речиси 70 производи.
Вредноста на минималната синдикална кошничка за ноември изнесува 62.021 денари, а во споредба со вредноста на синдикалната минимална кошница за октомври е зголемена за 772 денари.
Истовремено, синдикалната минимална кошница со изнајмен стан од 60 квадрати за ноември изнесува 77.396 денари.