СДСМ за „Плацеви на Водно“: Мицкоски да си поднесе оставка после пресудата за неговиот шеф

од Nikola Popovski
233 прегледи

Уште еднаш е потврден криминалот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски е осуден на казна затвор од седум години. Во судски процес, потврдени се криминалните шеми и злоупотреби на Никола Груевски, шефот на Христијан Мицкоски. Перење пари, противправно богатење, криење имот па дури и злоупотреба на пари од членови на ВМРО-ДПМНЕ, вака реагираат од СДСМ на денешните изречени пресуди за случајот „Плацеви на Водно“.

Според владеачката партија, криминалот за којшто има судска пресуда е правен и во 2015 година период кога Христијан Мицкоски му бил советник на Никола Груевски. На тој истиот Груевски, додаваат од партијата, Христијан Мицкоски му беше десна рака, советник во Владата, а потоа и генерален секретар во партијата.

-Криминалот на ВМРО-ДПМНЕ е потврден со признанија на партиски функционери пред судовите, со ефективни судски пресуди, со Црната листа на Стејт Департментот и со бројни меѓународни извештаи. Во ВМРО-ДПМНЕ нема никаква промена, не слушнавме ниту оградување, ниту извинување до граѓаните ниту пак некогаш Мицкоски повика на одговорност, изјави пратеникот од СДСМ, Мартин Костовски и побара од Мицкоски да си поднесе оставка.

Покрај Груевски, второобвинетиот, екс шефот на тајната полиција Сашо Мијалков доби 15 месеци затворска казна, а бизнисменот Орце Камчев е осуден на една година затвор.

Кумот на Груевски, Ристо Новачевски, е осуден на две години условна затворска казна ако во наредните пет години не го повтори или не стори ново кривично дело а истата казна ја доби и Ненад Јосифовиќ.

Слични содржини