Денеска во Владата на Република Северна Македонија, на иницијатива на Канцеларијата на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, се одржа состанок на кој присуствуваа Министерот за здравство, Фатмир Меџити, заменичката на министерот за здравство, Маја Манолева, советничката за здравство на премиерот, професор д-р Ана Данева-Маркова, претставници на Фондот за здравствено осигурување и Агенцијата за лекови и медицински средства, претставници од фармацевтските компании, дел од стопанските комори во земјава, а во соработка со Здружението на пациенти на кој се разговараше за можни решенија за ажурирање на позитивната листа на лекови како и за изнаоѓање на одржливо трајно решение со цел поефикасно задоволување на потребите на граѓаните.
На состанокот беше потенцирано дека унапредувањето на јавното здравство и подобрувањето на грижата за пациентите е значаен стратешки приоритет на Владата на Република Северна Македонија.
Оваа цел може да се постигне единствено преку обезбедување на механизми за навремен и соодветен пристап до современи, висококвалитетни лекови и медицински помагала.
Затоа, здравствен приоритет на Владата е деблокирањето на процесот на воведување на нови лекови на листа на лекови кои паѓаат на товар на Фондот за здравствено осигурување.
На денешниот заеднички состанок во Владата, исто така беше разговарано и за можностите ефикасна и ефективна координација на сите чинители со цел подобрување на здравствените и фармацевтски политики во земјата во интерес на граѓаните и нивната благосостојба.
На средбата беше потенцирано дека листата на лекови кои паѓаат на товар на Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија не е ажурирана веќе 15 години и дека е неопходно да се прочисти, а лековите кои се застарени да се сменат со нови без при тоа да има финансиски импликации врз буџетот, во исто време додека се бараат начини за воведување на иновативни лекови.
Во таа насока, министерот за здравство на Република Северна Македонија, Фатмир Меџити на средбата истакна дека веќе следната недела се очекува да се формира Комисија за позитивната листа. Тој нагласи дека е оптимист и дека очекува што поскоро да се најде решение за прочистување на листата и нејзино дополнување со нови лекови. Затоа, како што рече министерот Меџити, потребно е поедноставување на процедурите.
На средбата се разгледуваше и Правилник за начинот и методологијата за утврдување и донесување на Листата на лекови кои паѓаат на товар на Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија, кој беше донесен во март 2023 година, и беше нагласено дека на здравството треба да се гледа како на инвестиција, а не како на трошок.
Заеднички беше оценето дека овој Правилник е добра основа за изнаоѓање трајни одржливи решенија за обезбедување на неопходните лекови за сите граѓани. Со носењето на Правилникот за начинот и методологијата за утврдување и донесување на Листата на лекови кои паѓаат на товар на Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија се отвори можноста за етаблирање на функционален и одржлив систем за редовно обновување на листата на лекови.
Последните измени во овој Правилник овозможуваат склучување на специјални договори со кои ќе се овозможи влез на повеќе иновативни лекови за сите пациенти на кои им се неопходни, а истовремено ќе може да се предвиди и заштити здравствениот буџет.