Неделава се очекува Главниот кризен штаб да ги одобри новите препораки на Комисијата за заразни болести, а Владата на седница да ги усвои.
Комисијата минатата недела препорача учениците од основните училишта да бидат ослободени од задолжително носење заштитни маски, а мерката да остане да важи за наставниците и техничкиот персонал.
Покрај ова, на состанок во средата Комисијата препорача и капацитетот на исполнетост на затворени објекти, како опери, театри и кина, да се зголеми од 50 на 75 проценти и да се укинат сертификатите за престој во отворениот дел од угостителските објекти.
Од Комисијата за заразни болести соопштија дека мерките ќе се олабавуваат или заоструваат во зависност од епидемиолошката состојба и доколку таа се влоши и се зголеми ризикот, може повторно во сила да се вратат истите мерки.
Досега во земјата се направени вкупно 1.937.970 тестирања на КОВИД-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 303.354, бројот на оздравени пациенти е 292.048, на починати е 9.180, а бројот на активни случаи изнесува 2.126.