Се чека термин за судењето на Васил кој ја усмрти Фросина на „Партизанска“

од Nikola Popovski
58 прегледи

Заради интерес на медиумите и невладините организации кои ја следат работата на судот, од Кривичен ја информираа јавноста дека Советот за оценка на обвинителниот акт го одобрил обвинението на Основното јавно обвинителство против осомничениот Васил Јованов за кривичното дело „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“, поврзано со сообраќајката на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје во која животот го загуби 22 –годишната Фросина Кулакова.

-Со одобрениот обвинителен акт, формиран е кривичен предмет со К.бр. 780/25 кој ќе биде ќе биде распределен на понатамошно судење согласно АКМИС – системот, а кога ќе биде насрочен термина за главна расправа, странките и јавноста ќе бидат дополнително известени, информираат од Кривичниот суд.

Во рок од два месеци од трагичниот настан, надлежниот јавен обвинител ги прибра сите докази и вештачења кои укажуваат дека обвинетиот го сторил ова најтешко дело против безбедноста во сообраќајот.

-Согласно доказите, на 29 јануари 15 минути пред полноќ, обвинетиот без воопшто да поседува возачка дозвола, управувал патничко возило ‘пежо 207’ сопственост на неговиот татко. Не се придржувал кон прописите и со тоа свесно го довел во опасност животот на луѓето. Автомобилот го управувал под дејство на алкохол, односно со 0.80 промили во крвта, но и со брзина на движење од 91 km/h што е речиси двојно поголема од дозволената. Кога дошол пред обележан пешачки премин на крстосницата меѓу булеварот ‘Партизански одреди’ и улицата ‘29-ти Ноември’, продолжил со движење на вклучено црвено светло на семафорот кој сигнализирал забрана за минување и со предниот лев дел од возилото кое го управувал удрил во телото на пешакот Фросина Кулакова, која поминувала на обележан пешачки премин и на зелено светло за пешаци, го опиша Обвинителството ова дело во обвинението.

На почетокот на месецов, Скопското обвинителството поднесе обвинителен предлог и за таткото на 20-годишниот Васил. ОЈО соопшти дека таткото на Васил, 50-годишен скопјанец, е обвинет е за кривично дело Предизвикување општа опасност од член 288 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

-Во текот на претходната постапка, јавниот обвинител обезбеди докази од кои произлегува дека обвинетиот, во периодот од 04.11.2022 до 30.01.2025 година со општоопасно дејствие предизвикал опасност за животот и телото на луѓето, свесен дека поради неговите сторувања можат да настапат штетни последици, а сепак лекомислено сметал дека тие нема да настапат. Тој на својот син му давал да управува патничко моторно возило ‘пежо 207’, иако знаел дека синот не смее да управува со автомобил бидејќи нема возачка дозвола и е повеќекратен сторител на сообраќајни деликти, и тоа: едно кривично дело – сообраќајна несреќа со полесни последици во ноември 2022 година, 11 сообраќајни прекршоци (возење без возачка дозвола, возење под дејство на алкохол, непочитување на  семафор и на пешачки премин) во текот на 2023 и 2024 година, како и кривично дело – сообраќајна несреќа со смртни последици на 29.01.2025 година, соопшти Обвинителството.

Слични содржини