Се конфискуваат нелегално исечени дрва во Малешевијата, акцијата продолжува деновиве

од Aleksandar Todeski
498 прегледи

Дел од групата која нелегално сече дрва во Малешевијата, а за која известува „Ден“ е успешно пресечена, со конфискување на нелегално исечените дрва. Извори на порталот велат дека конфискацијата веќе почнала, а ќе продолжи и во наредните денови, по што ќе се знае колку точно дрвна маса била запленета од дрвокрадците.

Според информациите на „Ден“, до сега се конфискувани педесетина кубика дрва, а одземањето на нелегално исечените дрва ќе продолжи и во наредните денови. Дробилицата за која пишувавме во првиот дел од сторијата, како што дознаваме, ќе биде дислоцирана од беровското село Двориште, каде и во моментов се наоѓа.

Како што дознава „Ден“, за фирмата и лицата кои нелегално сечеа дрва ќе следува и прекршочна пријава, откако се утврдило дека помеѓу легално исечените има и нелегално исечени дрва. И додека вработените во шумската и граничната полиција, како и припадниците на МВР, кои со години се бореле за случајот да има разврска, се справуваат со оваа нелегална сеча, во Малешевијата продолжува да „цвета“ бизнисот со нелегално сечење на дрвна маса.

Минатата недела се обидовме да контакториаме со еден од сопствениците на фирма чие работење со дрвна маса се проверува повеќе пати, Симо Тренчовски од Богданци, кој по потекло е од Беровското село Двориште.

Иако ни беше најавена изјава, откако Тренчовски ќе се консултира со неговиот бизнис партнер и адвокатите, една недела подоцна, одговор на нашите прашања не добивме.

Според нашите извори, дрвокрадците и нивните „помошници“ од шумската и граничната полиција работат со зголемена претпазливост, поради овој случај во кој се работи на конфискација на дрвна маса. Се работи за криминални групи на која иако на неколку наврати и биле конфискувани возила и дрвна маса, продолжува со противзаконското работење, а информациите на „Ден“ говорат дека во мрежата е вплеткан и инспектор од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Извор: Ден.мк

Слични содржини