Досега само четири репрезентации обезбедија пласман на Светското првенство во 2026 година, кое ќе се одржи во САД, Канада и Мексико. Меѓу нив е и една земја од листата на 10 држави за кои администрацијата на Доналд Трамп предложи целосна забрана за патување во САД.
Најголем дел од натпреварите ќе се играат во САД, кои ќе ја имаат улогата на главен домаќин.
Сепак, токму овој режим на забрана може да спречи една од репрезентациите да учествува на турнирот. Администрацијата на Трамп, по преземањето на функцијата за втор мандат, се фокусира на миграциските политики, а новиот предлог вклучува листа од 43 земји на чии граѓани ќе им биде ограничен или забранет влезот во САД.
Овие земји се поделени во три категории, а во првата е репрезентацијата која веќе обезбеди пласман на Светското првенство – Иран. Заедно со Иран, оваа група ги вклучува и Авганистан, Бутан, Куба, Либија, Северна Кореја, Сомалија, Судан, Сирија, Венецуела и Јемен. За нив е предложено целосно суспендирање на издавањето визи.
Од сите споменати земји, само Венецуела би можела да се пласира на Светското првенство преку јужноамериканските квалификации.
Доколку Трамп навистина ја наметне оваа забрана, ФИФА ќе мора да се вклучи и да бара решение преку разговори со американската администрација. Исто така, можно е Иран, доколку биде потврдена забраната, своите натпревари да ги игра во Мексико или Канада, кои се и коорганизатори на турнирот.
За потсетување, Русија не учествува во квалификациите поради суспензијата од ФИФА и УЕФА по агресијата против Украина, додека Еритреја е исфрлена и моментално нема пласман на ранг-листата на ФИФА бидејќи нема одиграно ниту еден натпревар од почетокот на 2020 година.