Вкупно 20.278 активни случаи со КОВИД-19 има досега во земјава. Иако бројот на новодијагностицирани се намалува, а се евидентираат се повеќе оздравени, сепак дневно се регистрираат по 20-тина починати.
Вчера се регистрирани нови 530 случаи со КОВИД-19, 538 оздравени и 26 починати лица од направени 1.999 тестирања.
Надлежните постојано апелираат да се почитуваат мерките за заштита од коронавирусот. Деновиве се интензивираат и апелите за совесно прославување на претстојните новогодишни и божиќни празници, без големи групирања и загрозување на јавното здравје.
Министерството за здравство вчера сооопшти дека во земјава вкупно се хоспитализирани 1.045 пациенти од КОВИД-19 и има околу 300 празни болнички кревети. Во ковид-центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекува вкупно 631 пациент.