Високите цени ги менуваат потрошувачките навики на граѓаните. Наместо производи со повисок квалитет, граѓаните се почесто се одлучуваат за производите со пониска цена. Наместо млечен кашкавал купуваат растителен, урда наместо сирење, маргарин наместо путер… Намалениот животен стандард на поголем дел од населението не му дозволува да се храни како порано. Како растат цените, така граѓаните стануваат се повнимателни што купуваат.
Од Организација на потрошувачи на Македонија велат дека граѓаните ги гледаат цените, а не квалитетот. Веќе неможат да си дозволат да го купат она што го купувале порано.

Марија Лончар Велкова
-Потрошувачите почнаа скапите производи да ги заменуваат со поевтини производи. Наместо млечен кашкавал купуваат растителен, наместо путер – маргарин кој има повеќе трансмасти и го зголемува холестеролот. Растителните производи најчесто содржат трансмасти кои немаат никаква нутритивна вредност. На тој начин опаѓа квалитетот на храната која луѓето ја внесуваат, вели за „Локално„ Марија Лончар Велкова, претседател на ОПМ.
Таа вели дека ова е резултат на зголемените цени на храната, па луѓето за да го поминат месецот мора да купуваат поевтини производи кои се нутритивно помалку вредни.
-За работниците и ѓеврекот стана луксуз. Имаш леб за 35 денари и ѓеврек за 35 денари. Работниците, секако дека ќе купат леб кој ќе ги најаде, наместо ѓеврек. Неможе работникот со леб и сол да гради станови кои газдите потоа ги продаваат по баснословни суми. Не е како во социјализмот, кога се водеше сметка да има и за работниците, додава Лончар Велкова.
И од Сојузот на синдикати на Македонија се согласуваат дека неможе работниците со леб и маргарин да работат тешка физичка работа.
-Граѓаните се откажуваат од основните производи за да можат да преживеат. Месо почнаа да јадат еднаш неделно, риба еднаш месечно… Цените растат, а платите остануваат исти. Неможе работниците кои работат тешка физичка работа, на скеле да јадат леб и маргарин. За да имаат поголема продуктивност треба подобро да се хранат, а за да се хранат подобро треба повеќе да бидат платени, велат од ССМ.
Поради високите цени граѓаните гледаат да ги наполнат кошниците со што повеќе производи за помалку пари. При тоа не водат сметка дали тоа што го купуваат е здраво и квалитетно.
Б.С.