Се нормализира состојбата со ѓубрето во Скопје

од Nikola Popovski
302 прегледи

Веќе е отстранет голем дел од насобраниот смет во и околу контејнерите во Скопје, а „Комунална хигиена“ работи во нормален ритам. По тридневниот протест, во кој се трупаше ѓубре во главниот град, вчера од втората смена камионите на компанијата се движат низ градот и со засилени активности го собираат сметот. За очекување е во текот на денешниот и утрешниот ден да бидат испразнети речиси сите полни контејнери.

Како што посочуваат од претпријатието, континуирано се расчистувало и на повеќе обемни диви депонии лоцирани на улиците Џон Кенеди, Благоја Паровиќ и Методија Митевски во општина Чаир, како и на улицата Прашка во општина Карпош.

Воедно, спроведени биле и активности за одржување на хигиената на јавните и на сообраќајните површини со кои беа опфатени и централното градско подрачје, кејот „13 Ноември“ и Старата скопска чаршија.

Најавуваат дека екипите на претпријатието и во текот на денешниот ден ќе продолжат со засилена динамика да го подигнуваат комуналниот отпад од поставените контејнери и кантите во индивидуалните домаќинства на територијата на градот Скопје.

Настаните од последните неколку дена денеска ги коментираше министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, кој го осуди она што се случи поради опасност од еколошка катастрофа и поради високите температури и несобирањето смет со денови.

Тој прецизираше дека се очекуваат документи од Инспекторатот за животна средина и доколку се покаже дека има причина да се подигне обвинение за „секој што придонел ова да се случи“, тоа и ќе се случи.

„Доколку има докази дека плати се давале на лица кои имале договор со „Комунална хигиена-Скопје“ и не дошле на работа, а има злоупотреба на буџетски средства, ќе има кривична одговорност без попуст. Мора да има крај на политиканството врз грбот на граѓаните и нивното здравје“, рече Спасовски кој денеска го посети Центарот за обука во Идризово.

Во петокот започна протестот на вработените во „Комунална хигиена-Скопје“. Нивните барања се поврзани со зголемување на платите, подобрување на условите за работа и враќање на работа на отпуштените. Според директорката на јавното претпријатие Косана Мазнева, сепак, станува збор за незадоволство кое избувнало кога се обидела да направи промени во третата смена, каде со години работат истите луѓе, од кои некои не се појавиле на работа, а биле платени 35 проценти поголема плата поради ноќната работа. Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска додаде дека во претпријатието има семејства од кои се вработени 30-43 лица, а дел со години живеат во Германија и Швајцарија.

Слични содржини