Се обидуваме да потпишеме со Лукаку и Дибала, призна Марота

од Vladimir Zorba
209 прегледи

Извршниот директор на Интер, Џузепе Марота, призна дека клубот има намера да ги привлече напаѓачите Ромелу Лукаку и Пауло Дибала. Пред радио „Раи“, 65-годишниот Марота откри што е сработено и што треба да се направи до крајот на летниот преоден рок.

„Се обидуваме да потпишеме со Лукаку и Дибала. Сепак, денеска сигурно нема да објавиме договор за Лукаку. Има големи шанси да го вратиме, но има уште работи кои треба да ги решиме. Ќе видиме што ќе се случи “, рече Марота.

Според италијанскиот печат, Интер е подготвен да плати 10 милиони евра за едногодишна кирија на белгискиот напаѓач на Челси и да му ја покрие целата плата. Пред една година миланскиот гигант го продаде Лукаку на Челси за повеќе од 100 милиони евра. Воедно, Дибала е слободен играч, а претставници на Аргентинецот неколку пати биле забележани како разговараат со раководството на Интер.

Марота потврди дека клубот веќе ги финализирал договорите за камерунскиот голман Андре Онана и ерменскиот играч за врска Хенрик Мхитарјан. Двајцата пристигнуваат на „Џузепе Меаца“ на слободни трансфери од Ајакс, односно Рома.

Силниот човек во Интер беше прашан и за ситуацијата со трансферите во заминување. Тој истакна дека останува голгетерот на тимот Лаутаро Мартинез, но најверојатно ќе бидат продадени некои од централните дефанзивци.

„Лаутаро е клучен играч во нашите планови и немаме намера да се разделиме со него“, изјави Марота. „Секако дека е полесно да се замени централен дефанзивец отколку централен напаѓач. Затоа мислам дека ќе бидеме принудени да продадеме некој што игра на оваа позиција“, додаде тој.

Тој не даде конкретно име, но според медиумите се работи за Милан Шкрињар. Словакот е трансфер цел на Пари Сен Жермен. Доколку е во прашање разделба со него, „нероазурите“ подготвуваат трансфер за дефанзивецот на Торино Бремер, кого Марота го нарече „играч од светска класа кој би одговарал на многу врвни тимови“.

„Секако дека Бремер е играч кој го следиме и сакаме“, заклучи извршниот директор на Интер.

Слични содржини