Комисијата за заразни болести денеска се очекува да расправа и за новата мутација на вирусот наречена „Омикрон“.
– Во однос на новиот сој на Ковид-19 сега е се уште рано да се каже точно, станува збор за нова мутација на вирусот „Омикрон“ која има бројни мутации посебно во делот на спајкот и сега тука е сомнежот дека можно е да е потрансмисибилен отколку сите досегашни мутации. Меѓутоа, ние имавме и многу други мутации кои не се проширија досега. Имаше и други сценарија – делта сојот кој навистина секаде се прошири. Ќе ги разгледуваме сите овие работи во понеделник на состанок на Комисијата за заразни болести, изјави за медиумите викендот ресорниот министер Венко Филипче.
На седница на Владата, пак, утре треба да се одлучува за новата предложена мерка за финансиска стимулација на матичните лекари доколку бројот на нивните вакцинирани пациенти против Ковид-19 надмине 70 проценти.
Новиот сој беше откриен во Јужна Африка, а бројни земји, вклучувајќи ги Британија, Австралија и САД ги ограничија патувањата од повеќе јужноафрикански земји.
Еден од водечките епидемиолози во Јужна Африка, Салим Абдул Карим, кажа за Скај њуз дека може да се очекува новиот сој на ковид веќе е присутен во европските земји, вклучувајќи ја Британија.
Светската здравствена организација ја означи вчера Б.1.1.529 како „загрижувачка варијанта“, сега веќе официјално позната како омикрон, по буквата од грчката азбука.
Последните податоци објавени од Министерството за здравство, покажуваат дека заклучно со 26 ноември во државава вкупно се вакцинирани 828 770 граѓани, ревакцинирани се 794 666, а трета доза примиле 70 937 граѓани.
Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 215 009, на оздравени пациенти е 199 064, а на починати е 7.547. Од активните 8.398 случаи, најмногу се во Скопје – 3941, по што следат Битола – 668, Прилеп – 425, Велес – 340 и Кавадарци – 306.